Премиерот, Зоран Заев, денеска имаше средба на официјално ниво со чешка владина делегација, предводена од премиерот на Чешката Република, Андреј Бабиш.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, била изразена отворена поддршка за Северна Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.
Бабиш рече дека Чешката Република ќе направи сè што е можно Република Северна Македонија најбрзо што може да почне преговори со ЕУ и да стане членка.
„Премиерот Бабиш констатираше дека е дојдено клучно време за нашата држава, на 9 дена пред Советот на ЕУ и изрази надеж дека Советот ќе го потврди отворањето преговори со ЕУ. Тој оцени дека нашата држава ги испорачала сите политички услови, потенцирајќи ги тука и добрососедските односи и дека европските политичари сега треба да си го одржат зборот. За премиерот Бабиш, Република Северна Македонија е најдобрата земја кандидатка за ЕУ и дека почетокот на преговори на нашата земја со ЕУ го чека целиот регион, а тоа е важно и за Европа. Премиерот Бабиш, на прес конференцијата најави дека ќе побара од Парламентот во Чешка што поскоро да биде ратификуван и Договорот за членство на Република Северна Македонија во НАТО, како и дека очекува нашата држава на Самитот во декември на Алијансата, да стане 30.полноправна членка“, соопштија од Владата.
Заев рече дека без скромност, оценката дека нашата земја е блескав пример за целиот регион и за Европа е заслужена.
„Сработивме. Заедно со нашите пријатели, Република Бугарија и Република Грција ги надминавме стереотипите на решавање чувствителни билатерални прашања, тргнувајќи од појдовните точки зошто нешто не може. Внесовме нови, прогресивни, лидерски политики на возможното. Преспанскиот договор денес е повеќе од решение на долгогодишниот спор меѓу две земји. Преспанскиот договор е модел на решение на билатерални односи базирани на дијалог – клучната европска вредност којашто го обезбедува заедништвото, тоа на што е поставена и самата ЕУ. И затоа, определувањето датум за почеток на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ, ова лето, не значи само награда за нашата држава, туку и принципиелност на ЕУ. Претстојната одлука на Советот на ЕУ, да додели датум за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ е потреба, за нашата држава, за Западен Балкан, за ЕУ“, рече премиерот Заев на прес-конференцијата.
Тој додаде дека „тоа ќе значи почитување на индивидуалните заслуги и мотивација да се продолжи напред кон вредности, а не да се враќаме назад кон национализми и популизми“.