Во врска со спроведувањето на првата фаза на постапката по конкурсот за вработување од 29.12.2018 во Министерството за надворешни работи, укажуваме дека предметната постапка се спроведува согласно Законот за административни службеници и истата ја води Агенцијата за администрација. Иако МНР учествува во сите фази на постапката, одлучувачка улога има Агенцијата. МНР е должно да го почитува Законот за административни службеници.
Министерството согледува дека вака поставената законска рамка за вработување во МНР, преку Агенцијата за администрација, е комплицирана и не е соодветна за избор на најквалитетните кандидати за специфичните потреби на дипломатската служба. МНР подготвува нов Закон за надворешни работи, кој треба да биде lex specialis, и со кој се очекува да се надминат, меѓу другото, и проблемите кои произлегуваат од примената на Законот за административни службеници за регулирање на постапката за вработување во Министерството за надворешни работи, и што треба да овозможи Министерството самостојно да ја креира политиката и постапката за вработување во МНР.
Истовремено, Министерството напоменува дека од јуни 2017 година, во МНР не е вработен ниту еден дипломат. Тргнувајќи од потребите на МНР за континуирано обновување на човечкиот потенцијал со млади, високо и соодветно едуцирани лица, МНР го отвори овој конкурс токму со таква цел – на најтранспарентен начин, но и со почитување на постојната законска постапка да бидат избрани најдобрите од пријавените кандидати.
Министерството потсетува дека потребните документи, како потврда за исполнетост на општите и посебните услови, согласно Законот за административни службеници, не се невообичаени, и истите се бараат во постапките за вработување во кој било државен орган. За жал, во фазата на административната селекција увидовме дека има одлични кандидати со непотполна или грешна документација, иако на интернет страницата на Агенцијата за администрација има насоки кои документи се потребни и како треба истите да се подготват.
Министерството останува посветено на принципите на транспарентен избор на најдобрите и ќе продолжи да се залага за унапредување на законската рамка со која се регулира дипломатската служба.