Италијанскиот фудбалски селектор Роберто Манчини и покрај победата во Будимпешта, против соодветната домашна селекција на Унгарија (2:0), не беше задоволен од изданието на неговите избраници. Италија со оваа победа го освои првото место во групата и обезбеди пласман на завршниот турнир во А-дивизијата, од Лигата на нации.
-Не ми се допадна како ги игравме последните 20 минути, изјави Манчини и додаде дека изгубиле контрола по 70 минути добра игра.
Иако стигнаа до завршниот турнир, Манчини сепак жали што Италија ќе го пропушти Светското првенство во Катар кое се игра во ноември и декември годинава.
-Важно е што се пласиравме на завршниот турнир втор пат по ред. За жал, не можеме да побегнеме од фактот дека нема да играме на Мундијалот. Само да го пребродиме декември, сè ќе биде полесно после тоа, рече Манчини.
Завршниот турнир во Лигата на нации ќе се игра во Холандија, во јуни следната година.