Министерство за здравство соопшти дека денеска е крајниот рок за пријавување на јавниот повик за изразување на интерес за работа на доктори на медицина во примарна здравствена заштита (ПЗЗ) во здравствен дом.
Од Министерството ги повикуваат заинтересираните доктори на медицина со лиценца за работа во ПЗЗ да се пријават на јавниот повик и да достават писмо за интерес до Министерството, со цел да се обезбеди можност за работа во траење од шест месеци.
Согласно член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита докторите на медицина со лиценца за работа треба да поминат на работа шест месеци во примарна здравствена заштита во здравствен дом, како еден од условите за запишување на специјализација.
Овој услов е задолжителен за сите здравствени работници со високо образование од областа на медицината – доктори на медицина кои со лиценца за работа се стекнале или ќе се стекнат по 22 мај 2019 година согласно Законот за дополнување на Законот за здравствената заштита. Заинтересираните доктори на медицина треба да имаат завршена пробна работа, положен стручен испит и лиценца за работа, посочуваат од Министерството.
Работата во траење од шест месеци, како што се наведува, ќе се спроведува во јавните здравствени установи – здравствени домови и општи болници со проширена дејност што вршат дејности и на примарна здравствена заштита, во дејностите на итна медицинска помош и домашно лекување, превентивна здравствена заштита за предучилишни и училишни деца и поливалентна патронажа.
Со стекнување искуство и со добивање шанса за работа тие ќе добијат дополнителен стимул за професионална надградба во својата кариера. Со овие мерки, од Министерството веруваат дека ќе ги задржат лекарите да работат во јавното здравство, а не да заминуваат надвор од земјата.
За пријавување на јавниот повик потребно е да се достави писмо за интерес, во кое е задолжително да се наведат: име и презиме, адреса на живеење, контакт-телефон и адреса на електронска пошта (мејл-адреса), копија од лиценцата за работа и да ја наведат јавната здравствена установа за која изразуваат интерес според местото на живеење на заинтересираниот кандидат. Пријавата, заедно со документацијата потребно е да се достават во Министерството за здравство, ул. „50-та Дивизија” бр.14, 1000 Скопје, најдоцна до денеска, 15 јуни, со назнака: Јавен повик за изразување интерес за работа во примарна здравствена заштита во здравствен дом, стои во соопштението.