Почна пријавувањето во Бигорски манастир за учество на чинот на полагањето на крстот во водите на река Радика.
– Сите заинтересирани кои сакаат да земат учество на чинот на полагањето на крстот во водите на реката Радика, да се пријават кај нашиот надлежен архимандрит, отец Доситеј на следниот телефон: +389 70 342 970, стои во објавата на Бигорски.
Исто така во објавата се наведува дека Божјата благодат и силата на Светиот Дух со кој се осветува водата, особено се чувствува на денот на Просвештението, кога правиме спомен на Крштението Господово од раката на Св. Јован Претеча.
– Со чинот на осветувањето на богојавленската вода и полагањето на крстот во водите, се симболизира ослободувањето од гревот што Христос му го донесе на родот човечки. Во тој миг се случува осветување на сите води и секој што ќе се допре или пие од таа осветена и облагодатена вода, го чувствува Божјиот благослов, се исполнува со голема сила и му се дава духовно и телесно здравје, но само доколку со вистински страв Божји и побожност пристапува кон оваа голема тајна, стои во објавата.
Затоа, се посочува, е многу важно учесниците во чинот на полагањето на крстот во водата претходно да учествуваат и на божествената литургија со примање на светата причест.
Всушност самиот овој чин, се наведува понатаму, не треба да биде сфатен како еден обичен ритуал, ниту некаква натпреварувачка игра на којашто целта е само да се фати крстот, туку учесниците после Литургијата треба со литија да се упатат кон местото каде што ќе се осветуваат водите, и тука со најголема почит и внимание да ги слушаат прекрасните молитви на водосветот, без непристојно однесување и викање, бидејќи така си го отфрлаат благословот.
– Оној, пак, кој ќе се удостои да го извлече крстот што се допира до водите и ги осветува, и да му го врати на свештеникот, треба претходно да го целива со вера, да им даде и на другите околу себе да го целиваат за и тие да бидат благословени. Потоа да го однесе благословот и во својот дом кај своите ближни, зашто крстот треба да им стане она што ќе ги обединува сите во заемна љубов и силна вера во Христа, стои во објавата на Бигорски манастир.