Швајцарска поддршка за јакнење на капацитетите на Собранието

Десетгодишниот проект финансиран од Швајцарија со кој ќе се зајакнуваат организациските структури, надзорната и законодавната функција, како и транспарентноста на Собранието на Република Северна Македонија, беше претставен на денешната средба на премиерот Зоран Заев со амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техада и лидерот на тимот на Програмата за парламентарна поддршка од НДИ, Роберт Скот Хејзлет.

Премиерот Заев, како што соопшти владината прес-служба, изрази поддршка за проектот „Програма за парламентарна поддршка”, потпишан меѓу швајцарската Влада и Собранието на Северна Македонија кој има за цел да ги зајакне капацитетите на Парламентот, а чиј донатор е швајцарската Влада и се имплементира со поддршка од НДИ.

– Силно го поддржуваме овој проект и сите активности кои се во насока на обезбедување што е можно поголема независност на Парламентот, што подразбира подготовка на закони што произлегуваат од пратениците, одговорно работење на пратениците, помирување помеѓу пратениците, нивно што е можно поголемо доближување до граѓаните кои им ја даваат довербата. Во овој драгоцен, редок и специфичен период за Северна Македонија, од голема важност е улогата на Парламентот и неговите капацитети за независно, одговорно, ефикасно и професионално работење во интерес на граѓаните и на државата, нагласи Заев.

На средбата стана збор и за тоа на кој начин премиерот Заев и Владата можат да придонесат во обезбедувањето независност во работата на Парламентот и на пратениците. 

Треба да знаете
Последни објави