Арсенал заборави на киксот во минатото коло и победи на гости кај Брентфорд (0-3), за ново искачување на првото место во Премиер лигата.
Екипата предводена од Микел Артета одново покажа дека има сериозни амбиции сезонава. Денес беше целосно доминантна над ривалот, а голеадата ја најави Вилиам Салиба со погодок во 17. минута. Десетина минути подоцна Гранит Џака испрати совршен центаршут, на кој налета Габриел Хесус и реализира вторпат за гостите.
Конечна одлука пристигна само неколку минути во вториот дел. Ударот од далечина на Фабио Виеира заврши на вистинското место, за конечни 0-3. Арсенал се врати на врвот на табелата, со еден бод повеќе во однос на актуелниот шампион Манчестер Сити и Тотенхем на Антонио Конте.
Евертон и Вест Хем ќе се надигруваат во последниот натпревар овој викенд. Поголем дел од мечевите беа одложени поради смртта на Кралицата Елизабета Втора.