Рускиот претседател Владимир Путин изјави денеска дека Русија нема да прави компромиси во своите темелни интереси со цел да издејствува ублажување на западните санкции.
Тој призна дека американските и санкциите на ЕУ ја чинеле Русија околу 50 милијарди долари од 2014 година, но истакна дека членките на Унијата претрпеле дури и поголема штета поради воведувањето рестрикции за Москва. Рускиот претседател нагласи дека санкциите ја охрабриле Москва да започне сопствено производство на бродски мотори и останати клучни индустриски производи, како и да го унапредува сопствениот земјоделски сектор.
Путин одговарајќи денеска на прашања од граѓани за време на годишната телеконференција „Директна линија”, меѓу другото, изјави дека нивото на приходи, здравствената заштита, ситуацијата со сметот и комуналните услуги се моментно најгорливи прашања за Русија.
Тој, исто така, додаде дека животот на руските граѓани станал попредизвикувачки, бидејќи Русија пред неколку години се соочила со шокови, што ја наруши ситуацијата на домашниот пазар и негативно влијаело на социјалната сфера.