Министерот за здравство, д-р Венко Филипче денеска учествуваше и се обрати на 41. Пленарен состанок на здравствената мрежа на Југоисточна Европа за работната сила во здравството во регионот на ЈИЕ, Предизвици и можности: одлив на мозоци – прилив на мозоци.
Заблагодарувајќи им се на колегите од Министерството за надворешни работи, министерот Филипче како домаќин на денешниот состанок, министерот за здравство Филипче, посочи дека ова е симболична завршница на едногодишниот мандат на Претседателството во рамките на Здравствената мрежа на ЈИЕ.
Во продолжение Ви го испраќаме интегралниот текст од изјавата на министерот за здравство, д-р Венко Филипче.
„Од минатата година, Здравствената мрежа на ЈИЕ ја фокусира својата работа на постигнувањето на Универзална Здравствена Покриеност за секого и насекаде во регионот на Југоисточна Европа. Еден од чекорите беше организирање на Министерскиот состанок во Израел за “Обезбедување примарна здравствена заштита за населението кое старее”. Состанокот ја истакна важноста на примарната здравствена заштита за да ги постигнеме нашите заеднички цели за 21-ви век. Системот за Примарна Здравствена Заштита (ПЗЗ) е камен-темелник на нашите здравствени системи и обезбедува грижа насочена кон луѓето во насока на справување со зголемената појавата на хронични болести, незаразни болести, ментално здравје и мулти-морбидитет. Горд сум што можам да напоменам дека и на национално ниво, ние, исто така, во текот на минатата година се стремевме да ја унапредиме ПЗЗ како суштински столб за одржливи и издржливи здравствени системи и од клучно значење за здравствената безбедност и подготвеноста за итни случаи. Во месец февруари 2019, заедно со Светската здравствена организација го организиравме Националниот форум за здравство „За поздрав живот: патот до квалитетна и ефикасна примарна здравствена заштита во Република Северна Македонија“. Нашата држава е првата земја во светот која го зајакнува системот на спроведување на примарната здравствена заштита, врз основа на Декларацијата од Астана која беше усвоена во октомври 2018 година.
Преку вработувања, зголемувања на платите, едукации и грижа за здравствениот кадар, ќе се задржат лекарите да останат во државата и работат во јавното здравство, а со тоа да се намали одливот на работната сила. Во изминативе 2 години, повеќе од 3.200 согласности се дадени за вработување во јавното здравство. Во 2018 година, за 5% ги зголемивме платите на здравствените работници. Оваа година, зголемени се за дополнителни 5% за медицинските сестри и 10% за докторите специјалисти. Во септември 2019 година, следува зголемување од 5% и за останатите здравствени работници. Ги зголемивме коефициентите за исплата на дежурства, ноќен труд и дополнителна работа. Приватните специјализанти за првпат се платени за својата работа во висина од просечна плата на општ лекар. Додека пак, со промената на Законот за здравствена заштита, секој млад лекар добива шанса да се ангажира во системот на јавното здравство. Секој лекар којшто ќе го заврши лекарскиот стаж и ќе добие лиценца за работа, ќе се вклучи во системот на Здравствените домови, ќе биде платен за својот труд и ќе почне да стекнува искуство во брзата помош, вакциналните пунктови и во системот на патронажна нега.
Во светот имаме Глобален кодекс за пракса на СЗО за меѓународно регрутирање на здравствени кадри кој има за цел да воспостави и промовира доброволни принципи и практики за етичко меѓународно регрутирање на здравствениот персонал. Земјите-членки треба да го обесхрабрат активното вработување на здравствениот персонал од земјите во развој кои се соочуваат со критички недостаток на здравствени работници. Иако реалноста е поинаква и сите ние ја знаеме. За да одговориме на овој предизвик, ќе го користиме Кодексот за да служиме како континуирана и динамична рамка за дијалог и соработка, особено за да се обесхрабри одлив на мозоци од земјите со пониски приходи со веќе кревки здравствени системи.
И, конечно, би сакал особено да го истакнам значењето на соработката на ЗМЈИЕ со Европската регионална канцеларија на СЗО за Европа, особено во рамките на Стратегијата за субрегионална соработка за периодот 2018-2023 година, потпишана на 10 јули 2018 година во Тел Авив, под израелското претседателство. Во овој контекст, би сакал да истакнам дека располагаме со главните инструменти за усогласување за зајакнување на меѓудржавните и меѓусекторски активности на ниво на ЈИЕ насочени кон здравјето на регионално ниво, за промовирање на меѓусебно поддржани политики за постигнување на универзална здравствена покриеност и ОН 2030 Агендата.
Во овој дух, со нетрпение ги очекувам нашите денешни намери да ги здружиме напорите, под единствениот покрив на ЗМЈИЕ, со помош и напори на Секретаријатот, би сакал да им се заблагодарам на сите вас и да поттикнам да ја покажеме нашата заедничка заложба за засилување на влијанието и да се зборуваат еден глас за најдобар интерес на нашето население“.