Кристијано Роналдо го постигна првиот гол во сезоната 2022/23. Во натпреварот од 2. коло од групната фаза на Лига Европа против Шериф, напаѓачот на Манчестер Јунајтед реализираше пенал во 39. минута.
Пред вечерашната средба во Кишињев, 37-годишниот напаѓач имаше серија од седум натпревари без голови или асистенции за клубот во сите натпреварувања оваа сезона.
Сепак, треба да се потенцира дека Роналдо само три пати беше во почетниот состав на „црвените ѓаволи”.
Манчестер јунајтед го победи Шериф со 2:0, a пред Роналдо гостинската мрежа ја затресе Џејдон Санчо.
Ова е прва победа за тимот од „Олд Трафорд” во двете почетни кола од Лигата на Европа.
За Португалецот тоа беше историски погодок, бидејќи е негов прв во кариерата во второто по ранг клупско натпреварување.
Роналдо има 140 голови во Лигата на шампионите во својата кариера, а оваа сезона за прв пат игра во Лигата на Европа со Манчестер јунајтед.