Државниот секретар во британското Министерство за надворешни работи, Марк Филд, денеска е суспендиран додека ја чека истрагата затоа што ја фати за врат и ја турна активистката на „Гринпис“ која протестираше против климатските промени прекинувајќи го говорот на британскиот министер за финансии Филип Хамонд.
„Премиерката ја виде снимката и смета дека е многу загрижувачка”, изјави портпаролката на британската премиерка Тереза Меј, пренесува „Ројтерс“.
Претседателот на Конзервативната партија, Брендон Луис изјави дека Филд е под истрага на владата и дека е „многу тешко да се брани” снимката, но дека истрагата ќе се справи со “сите детали за тоа што се случило”.
Колегата конзервативец Питер Ботомли го бранеше Филдс, велејќи дека тој „го сторил она што би го сторил секој емоционален човек“ за време на исфрлување на демонстрантот.
Хамонд го продолжи својот говор и ја бранеше владината политика за климатските промени.