Попладнево во Скопје, министерот за надворешни работи, Никола Димитров беше домаќин на делегација од поранешниот Пакт за стабилност за Југоисточна Европа предводена од поранешниот вице-канцелар на Австрија и последниот специјален координатор на ПзС, д-р Ерхард Бусек. На средбата одржана во Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, се разговараше за актуелните случувања во земјата и регионот, со акцент на Договорот од Преспа, како еден од главните интереси на експертската група.
Поранешниот вице-канцелар на Австрија, д-р Бусек го поздрави Договорот од Преспа и ја нагласи визионерската улога на политичарите од двете земји, нагласувајќи дека овој Договор може да биде модел за решавање и на други тешки прашања, не само во регионот, туку и пошироко.
МНР Димитров, од своја страна, даде пресек за актуелната политичка состојба и постигнувањата како на внатрешен, така и на надворешен план, а се разговараше и за очекуваната политичка одлука за отпочнување на преговорите со ЕУ. Во тој контекст, министерот Димитров истакна: „Ниту ние, ниту ЕУ не може да си го дозволи луксузот да пропушти шанса за консолидирање на успехот каков што е нашата приказна изминативе две години. Затоа ќе дадеме се’ од себе сите да се уверат во очигледното”.