Гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска се обрати на учесниците на централниот дел од Состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Групацијата на Светската банка.
Состанокот на Конституенцата е на тема „Како до поправеден систем за сите?”. Според податоците на коишто, меѓу другото, во своето излагање се осврна гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска, зголемувањето на доходовната нееднаквост, почнувајќи од 1980 година е глобален феномен речиси секаде, иако со различен интензитет во различни земји. Инаку, во нашиот регион, учеството на најбогатите 10% во вкупниот доход е околу 29%, што е помалку во однос на Западна Европа. Но и ние, следејќи ги политиките и препораките на ММФ и Групацијата на Светската банка треба да бидеме двигатели на процесите коишто треба да доведат до поправеден систем за сите.
„Особено е важно сите ние, како носители на економски политики, да го насочиме нашето внимание кон осмислување и спроведување реформи за посилен и поинклузивен економски раст, што, пак, би довело до поеднаква распределба на доходот во светски рамки.” – истакна Ангеловска-Бежоска. Притоа, таа изрази надеж дека во блиската иднина ќе бидеме сведоци на намалување на јазот во приходите и на намалување на нееднаквоста во општествата во земјите од Конституенцата, што ќе придонесе тие да бидат попрoсперитетни и поправедни. Но, и укажа дека за да се случи тоа, неопходна е решителност, посветеност и визија од носителите на политиките.
Гувернерката ја нагласи неопходноста и важноста од дискусиите на денешниот состанок, коишто ќе бидат фокусирани на потенцијалните политики што би можеле да се користат во справувањето со предизвикот на нееднаквоста на глобално ниво – политики коишто ќе подразбираат зголемување на пристапот до пазарите, зголемување на финансиската инклузија, инвестирање во човечкиот капитал, финансиски и регулаторни реформи што би ја зацврстиле примената на законите и би промовирале фер и конкурентна пазарна средина.
Во продолжение е говорот на гувернерката во целост.
Ни претставува особено голема чест што годинава имаме можност да бидеме домаќини на оваа важна средба на нашата Конституенца. Поминаа шеснаесет години од последната средба на Конституенцата во Скопје и за нас е огромно задоволство што сите вие сте заедно со нас, повторно овде, во текот на овие три дена.
По игра на судбината, неодамна наидов на книга којашто не сум ја сретнала од мојата рана младост, книга којашто започнува со многу силна порака – „Сите среќни семејства наликуваат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“; најверојатно веќе се сетивте – Толстоевата „Ана Каренина“. Неколку дена потоа, дури проследував некои од поновите дискусии за различни прашања поврзани со капитализмот, нееднаквоста и распределбата на богатството, во едно од истражувањата ја прочитав истата мисла, којашто авторот на истражувањето ја цитира поврзувајќи ја со сите различни видови нееднаквост, како симбол за глобалниот недостиг на среќа. Стандардните показатели за степенот на нееднаквоста упатуваат на сѐ поголема распространетост на оваа појава. Забележливо е дека нееднаквоста го поткрепува ширењето на популизмот, како одраз на глобалното незадоволство од системот што не нуди еднакви можности за сите и во кој напредокот не се заснова на вложениот труд, систем што постепено еволуира во т.н. крони капитализам. Оттука, сигурна сум дека избравме ја вистинската и најсоодветна тема за дискусија на оваа средба на Конституенцата.
Дозволете ми да погледнам низ историските очила – до разнишувањето на темелите на капитализмот и до појавата на марксизмот доведоа стагнацијата на растот на платите и концентрацијата на богатството кај мал број индивидуи во раните фази на индустриската револуција. ако што појаснува „модерниот Маркс“, Томас Пикети, во својата книга „Капитaлот во XXI век“, единственото отстапување од трендот на зголемување на нееднаквоста на глобално ниво се јавува меѓу 1914 и 1970 година – период што претставува историски исклучок.
Според податоците, зголемувањето на доходната нееднаквост, почнувајќи од 1980 година е глобален феномен речиси секаде, иако со различен интензитет во различни земји. Оваа историска пресвртница често се поврзува со завршувањето на таканаречениот „постегалитарен режим“ во светски рамки. Поткрепа на ова согледување се и податоците од Извештајот за глобалната нееднаквост од 2018 година, според кој учеството на најбогатите 10% во вкупниот доход во Западна Европа, Северна Америка, Кина и Индија, во 1980 година изнесувал 30-35%. Во 2016 година, пак, овој процент е зголемен на 35-40% во Западна Европа, додека зголемувањето во останатите региони е посилно и достигнува 45-50% од вкупниот доход. Забележлива е разликата во концентрацијата на доходот во Западна Европа и САД, што доведува до заклучокот за значително раздвојување на доходната нееднаквост во овие региони во изминатите четири декади.
Несомнено, токму овoj „модерен“ бран и несовпаѓањето во доходовната нееднаквост доведува до потребата од разјаснување на причините за појавата на овие разлики во рамките на еден систем каков што е капитализмот. Гледано низ призмата на состојбата во Европа и САД, може да се забележи дека степенот на економски развој не е секогаш главната причина за разликите во распределбата на доходот. Всушност, разликите во политиките и разликите во фундаменталните вредности во овие општества би можеле значително да влијаат врз формата на кривата на распределбата. Впрочем, голем број автори ја поврзуваат дивергенцијата во доходовната нееднаквост меѓу Западна Европа и САД со поголемата нееднаквост во пристапот до образование. Во Западна Европа, образовниот систем и политиките за формирање на платите се релативно поповолни за групите со ниско и средно ниво на доход. Оттука, еднаквите можности за пристап до поквалитетно образование, особено во денешницата кога технологијата многу брзо напредува, може да бидат едно од решенијата на проблемот со зголемената доходовна нееднаквост. Така на младите од групите со пониски доходи ќе им се овозможи полесен пристап до подобро платени работни места и би можело да се израмни кривата на распределба на доходот.
Во нашиот регион, и покрај процесот на транзиција кон пазарно ориентирани економии, којшто доведе до пораст на нееднаквоста, учеството на најбогатите 10% во вкупниот доход е околу 29%, што е помалку во однос на Западна Европа.
Очигледно, прашањето за доходовната нееднаквост не е ново, а светот не е заштитен од тектонските промени на системите, како на пример транзицијата во Европа, којашто беше „плодна почва“ за зголемена нееднаквост. Но, ова прашање е во фокусот на истражувањата и дебатите во академските и политичките кругови, каде што изминативе десетина години се разгледуваат причините за нееднаквоста и последиците од неа. Појавата на глобалната финансиска криза го доведе прашањето за нееднаквоста во преден план. Неслучајно, некои автори ја поврзуваат длабочината на оваа криза со развојот на нееднаквите општества. Така, во книгата „Погрешни линии“, Рагурам Раџан истакнува дека зголемувањето на нееднаквоста во изминатите три декади го зголеми политичкиот притисок за прераспределба, којшто на крајот беше изразен во форма на субвенции за пазарот на недвижности, што, пак, беше битен причинител на глобалната финансиска криза.
Во контекст на прашањето за доходовната нееднаквост, актуелна е и дилемата дали централните банки преку своите политики можат да влијаат врз распределбата на доходот. Со оглед на тоа што домаќинствата се хетерогени во однос на нивниот примарен извор на доход ‒ капитал или труд – или во однос на нивната нето-позиција – штедач или позајмувач – монетарната политика, барем на краток рок, може да има различен ефект врз овие различни групи домаќинства. Макропрудентните мерки се, по правило, целни и се користат селективно за справување со утврдените ранливости, а, пак, купувањето различни видови финансиски инструменти од страна на централната банка доведува до промена во формирањето на цените на финансиските пазари. Но, и покрај ова, имајќи ги предвид целите на централните банки, како што вели и Бен Бернанке (2015): „…во споредба со долгорочните фактори, ефектите на монетарната политика врз нееднаквоста се речиси сигурно помали и со привремен ефект“. Во групата на долгорочните фактори спаѓаат фактори како глобализацијата, технолошкиот развој, демографските трендови и институционалните промени на пазарот на труд.
Природно се наметнува прашањето – како да се реши овој хроничен проблем на нееднаквост во доходовната распределба, којшто се чини е симптом на значителен број слабости во функционирањето на тековниот систем? Како да се вратат и да се нагласат придобивките од напредокот на модерното општество? Дали иднината е во посилна пазарна регулација, поголема прераспределба од страна на државата или, пак, како што вели проф. Зингалес, во поттикнување на пазарната конкуренција? Како на економисти, нам ни е познато дека пазарната економија неминовно доведува до нееднаквост, но кога нееднаквоста ќе ги мине прифатливите граници, нејзината подривачка моќ е многу силна, особено за напредокот на едно општество. Тековно, во услови на забавување на глобалниот економски раст, се чини дека е неизбежно активното применување политики за негово поттикнување и за намалување на нееднаквоста.
Сигурна сум дека во презентациите и дискусиите што ќе следат на оваа средба ќе се осврнеме на потенцијалните политики коишто би можеле да се користат во справувањето со овој предизвик на глобално ниво. Политики коишто ќе подразбираат зголемување на пристапот до пазарите, зголемување на финансиската инклузија, инвестирање во човечкиот капитал, финансиски и регулаторни реформи што би ја зацврстиле примената на законите и би промовирале фер и конкурентна пазарна средина.
Во овој контекст, особено е важно сите ние, како носители на економски политики, да го насочиме нашето внимание кон осмислување и спроведување реформи за посилен и поинклузивен економски раст, што, пак, би довело до поеднаква распределба на доходот во светски рамки.
Искрено се надевам дека во блиската иднина ќе бидеме сведоци на намалување на јазот во приходите и на намалување на нееднаквоста во нашите општества, што ќе придонесе тие да бидат попрoсперитетни и поправедни. За да се случи тоа, неопходна е решителност, посветеност и визија од носителите на политиките. Ми се чини дека е најсоодветно да завршам онака како што започнав – со цитат од Толстој: „Постои само едно време коешто е важно – сегашноста! Тоа е најважното време бидејќи е единственото во кое имаме некаква моќ“. И ние како носители на политики, сега, имаме не само моќ, туку и должност да работиме и да придонесеме за поголема благосостојба на нашите општества.
Ви благодарам.