Меѓународна научна конференција „Влијанието на големите сили врз безбедноста на малите држави” по десетти пат по ред ќе се одржи денеска и утре во Охрид, во организација на Факултетот за безбедност-Скопје.
На конференцијата, како што најавуваат организаторите, ќе присуствуваат професори од над 15-тина земји меѓу кои од Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Германија, Индија, Мароко, Турција, Русија, Словачка, Чешка, Бугарија, Србија, Грција, Албанија, Хрватска, Словенија и други.
Теми на конференцијата ќе бидат геополитичкиот судир на концепти и идеологии во регионот, радикализмот и Балканот, руското влијание на Балканот- фактор на дестабилизација или економски развој, влијанието на турската надворешна и безбедносна политика и Балканот, процесот еден појас-еден пат, Кина помеѓу економски промотор и демократски уназадувач, улогата на САД на Балканот, германските интереси во регионот, регионот како транспортен коридор за бегалци, безбедносните стратегии и црвените линии на Балканот и улогата на недржавните актери во безбедноста на Југоисточна Европа.
Мисијата на конференцијата, како што најавуваат организаторите, е да се поттикнат академската заедница и практичарите од областа на безбедноста да разменуваат сознанија базирани на користење на научни методи за истражувања од областа, но и да се исползуваат искуства од практиката за да може на истите да им се даде научно-истражувачка димензија.
Конференцијата е поддржана од Фондацијата „Ханс Зајдел” од СР Германија и Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување.