Викендов во Ресен, беа претставени делата од членовите на ликовната секција при Домот на културата „Драги Тозија“, кои на последната изложба за оваа учебна година, ги прикажаа делата на кои работеа во изминатиот период. Изложбата е поставена во Ресенскиот Сарај.
„Пред само 10-тина дена, учениците од оваа ликовна секција твореа на веќе традиционалната и препознатлива преспанска ликовна манифестација – Сквер арт, кога на ресенскиот плоштад цртаа на платно и создаваа уметност на уличните плочи. За крај на оваа учебна година, граѓаните и родителите имаат можност да ги погледнат делата на нашите мали уметници, создадени на Сквер артот и во текот на нивното работење“, рече директорот на оваа културна установа, Васко Василевски.
Во текот на изминатите месеци, во рамките на активностите на Домот на културата, работеше и ликовната секција под раководство на уметникот Марија Груевска. 20-тина деца од Ресен и околината, кои негуваат љубов кон ликовната уметност, учеа и научија дел од тоа како да создаваат ликовна уметност.
„Креативноста е секогаш индивидуална карактеристика. Но сепак, за да се твори, мора да се знае што да се прави, што да се користи и како на најдобар начин да се стигне до посакуваната цел. Така, во изминатиот период, учесниците во ликовната секција ги учеа основните техники на цртање, материјалите со кои се работи, начинот на кој треба да се почитува и вреднува ликовната уметност, а пред се учеа како да се почитуваат меѓу себе, како заеднички да си помагаат, да го развиваат талентот, својата љубопитност, да се дружат и да го надградуваат своето знаење“, посочи раководителот на секцијата, Марија Груевска.
Дел од учесниците во ликовната секција, кои ги претставија своите дела, повеќе го сакаат моливот и сенките, други пак боите и нијансите, но заедничко за сите нив е дека навлегуваат во тајните на ликовната уметност, ја развиваат љубопитноста и ги подобруваат своите уметнички перформанси.