СДСМ со соопштение реагира на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, во кое опозицијата за мерката „Мој данок“ вели дека власта воведува мерки за мачкање на очи од кои бенефит ќе имаат само богатите.
– ВМРО-ДПМНЕ не го разбира враќањето на парите кај граѓаните. За нив е комично граѓаните да добиваат пари, а сериозно го сфаќаат само земањето пари од граѓаните. Друго и не може да се очекува од партија која изгради скапоцен дворец во време на најголема сиромаштија и огромни долгови. Повратот на 15 отсто од платениот Данок на додадена вредност за граѓаните кој обезбедува приход плус во секое семејство е мерка со која за првпат граѓаните добиваат пари директно од државата. Повратот на ДДВ е последна од низата мерки со која се обезбедуваат повеќе пари во секое семејство. Тоа за ВМРО-ДПМНЕ е непознат концепт, бидејќи партијата 11 години години ги земаше парите од граѓаните за остварување на криминални и бизнис интереси. ВМРО-ДПМНЕ ја укина евтината дневна тарифа на струјата, а електричната енергија поскапе за 100 отсто. Денес со воведувањето на евтината дневна тарифа, граѓаните плаќаат значително помали сметки за електрична енергија. Драконската казнена политика преку која ВМРО-ДПМНЕ вршеше притисоци и само го полнеше буџетот, денес е сменета со фер казнена политика на опомена пред казна, а казните се намалени и до 75 отсто. Покрај намалување на трошоците, истовремено растат платите и пензиите, а социјалната помош расте и до 300 отсто. Ова е суштинска разлика помеѓу СДСМ која преку одговорни политики обезбедува повеќе пари кај граѓаните, и ВМРО-ДПМНЕ која како власт цела деценија земаше од граѓаните, а денес не може да се помири што парите завршуваат кај граѓаните, наместо во нивниот скапоцен дворец, велат од СДСМ.