„Влијанието на големите сили врз безбедноста на малите држави” е тема на 10-тата Меѓународна научна конференција што се одржува во Охрид во организација на Факултетот за безбедност од Скопје.
Деканот на Факултетот за безбедност Никола Дјуовски заклучи дека и малите држави можат да бидат големи само ако се во друштво со големите и оти на Северна Македонија местото и е во НАТО и Европската унија.
-Ние нашиот пат го определивме пред 30-тина години. Сега кога сме на самиот крај на тој процес не гледам никаква можност друга поголема сила да се наметнува бидејќи ние мудро и трпеливо и од власта и од опозицијата успеавме да ја доведеме државата речиси пред формалното членство во НАТО, посочи Дујовски.
Според него, на земјава и се добредојдени сите инвестиции од Кина и од Русија, но очекува многу повеќе од Германија и Франција.
-Нашиот пат е кон НАТО и јас очекувам многу повеќе инвестиции да има од Германија, Франција… Тоа се нашите стратешки партнери. Не Русија и Кина, ние сме премали за нив, тие можат преку нас да си бараат само лични геостратешки интереси, подвледче Дујовски.
Тој е убеден дека во октомври ќе се донесе конечната одлука за добивање датум за почеток на преговори за влез на Северна Македонија во ЕУ.
-Силно сум уверен дека во декември ќе биде првата меѓувладина конференција. Без почеток на преговорите не можеме да напредуваме како општество. Заглавени сме во дневните политички препукувања меѓу СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ. Ако дојде до одлагање на датумот за преговори ќе продолжи општеството да тапка во место, другите ќе одат напред, а ние ќе пропаѓаме. Но сега не е време да размислуваме за такви сценарија, смета Дујовски.
За присуството на руското влијание говореше и професорот Жидас Даскаловски од Факултетот за безбедност. Тој смета дека во Макеоднија е минимално вакво влијание и оти е многу поизразено во Србија и други земји членки на НАТО и ЕУ, како Хрватска и Бугарија.
-Русија има свој стратешки интереси врзани со енергетските коридори. Со таа сила се обидува да влијае на културни размени со стипендии, но тоа е во помал обем од фондовите на САД и ЕУ. Треба да се размисли во рамки на односите Скопје – Брисел, бидејќи секое одложување на процесите на интегрирање на Македонија во Европската унија дава поголемо влијание на Русија, но и на други големи сили како Кина и Турција, рече Даскаловски.
Доколку дојде до повторно одлужување на датумот за преговори за Северна Македонија за влез во ЕУ, професорката по национален безбедност професор на универзитот Џорџ си Мирл во Гарден Партиш Кирхен, Сузан Лофтес смета дека руското влијание ќе предизвика голема пропаганда преку медиумите. Таа вели дека влијанието на Русија никогаш нема да запре, но е оптимист дека земјава ќе добие датум за преговори во октомври.
-Русија потфрли со Северна Македонија. Земјата го реши својот спор со Грција и на пат е кон придружување на НАТО. Секогаш ја поддржувала Србија и не го познава Косово како независна држава. Русија од секогаш го подржувала принципот раздели па владеј и сее семе на правење раздор во регионот. Западен Балкан е исполнет со разни етнички спорови поради различностите, но според мене веројатноста за сеопфатен вооружен конфликт е мала бидејќи ќе има катастрофални разорни последици, истакна Лофтес.
Професорот Датиш Парулекар од Индија пак смета дека малите држави, вклучувајќи ја и Северна Македонија треба да имаат слобода да направат свој избор во однос на надворешно-политичките прашања.
-Како нова земја на Македонија треба да и се даде можност да ја спроведува својата сувереност, бидејќи веруваме во современа самостојност, можност што се дава во правење суверен избор. И во овој комплексен свет на Македонија треба да и се даде можност да игра улога на актер во тие геополитички движења, посочи Парулекар.
На 10. Меѓународна конференција Влијанието на големите сили врз безбедноста на малите држави” учествуваат професори од 15-тина земји меѓу кои САД, Велика Британија, Германија, Индија, Мароко, Турција, Русија, Словачка, Чешка, Бугарија, Србија, Грција, Албанија, Хрватска, Словенија…