Турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган, изјави дека испораката на рускиот противракетен систем С-400 на Турција, ќе започне во јули.
-Се надеваме дека испораката на рускиот систем за одбрана С-400 ќе започне наредниот месец, изјави Ердоган на состанокот на парламентарната група на владејачката Партија за правда и развој.
Ердоган истакна дека прашањето за С-400 е поврзано директно со суверените права на Турција.
-Нема да се повлечеме ниту чекор назад, рече турскиот претседател.
Тензиите меѓу САД и Турција се зголемија изминатите месеци поради одлуката на Турција да купи ПР-систем С-400, за кој Вашингтон вели дека ќе ја загрози улогата на Турција во програмата за воени авиони Ф-35 и може да предизвика санкции.
По долготрајните безуспешни напори за купување систем за противвоздушна одбрана од САД, Анкара одлучи во 2017 година да го купи рускиот систем С-400.
Американски официјални претставници потоа ја повикаа Турција да купи одбранбениот ракетен систем Патриот, тврдејќи дека рускиот систем ќе биде некомпатибилен со системите на НАТО и ќе ги изложи воените авиони Ф-35 на можни руски интриги.
Турција сепак нагласи дека С-400 нема да биде интегриран во системите на НАТО и дека нема да претставува закана за Сојузот.