Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) соопшти дека со оглед на фактот дека во рамки на своите надлежности, не констатирал недостатоци, а со цел проверка во однос на стручната работа на здравствените установи и здравствените работници кои учествувале во породувањето на пациентката од Охрид, која почина на 20 јуни на Kлиника во Скопје, како и нејзиниот постоперативен третман, согласно чл. 296 од Законот за здравствената заштита, до министерот за здравство иницира спроведување стручен надзор над работата на здравствените работници кои учествувале во породувањето и натамошниот третман на пациентката.
Од ДСЗИ посочуваат дека во врска со написите во медиумите кои се однесуваат на почината родилка породена на 11 јуни во ЈЗУ Општа болница Охрид, вчера извршиле вонредни инспекциски надзори во сите здравствени установи каде родилката е лекувана при што врз основа на увидот во целокупната документација.
– Констатирана е следната состојба: Пациентката М.Т. на ден 11 јуни во 04:15 часот примена е на Одделението за гинекологија и акушерство при ЈЗУ Општа болница Охрид, со прснат воденик во 38 гестациска недела. По направените испитувања по протокол, поставена е индикација за оперативно завршување на раѓањето. Оперативниот тек бил уреден, без компликации, родено е живо женско бебе, со родилна тежина и должина 2130 гр/46 см. со добри витални параметри. Раниот постоперативен период на пациенката уреден, се до утрото 16 јуни, петти постоперативен ден кога од страна на дежурниот забележан е оскуден серозен исцедок од раната, заради што е извршена тоалета на раната. Во текот на денот направени и се лабораториски испитувања и дијагностички процедури. Наредниот ден заради влошена здравствена состојба и врз основа на конзилијарно мислење, пациентката со медицинска екипа и возило од ЈЗУ Општа болница Охрид се транспортира на клиники во Скопје, стои во соопштението.
Во ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, како што се наведува, пациентката М.Т. донесена e на 17 јуни во 14 часот, прегледана, земена е нова лабораторија и со сите претходни анализи пратена е на конзилијарен преглед од абдоминален хирург, а во 18:30 часот пациентката е вратена на ГАК, направен запис за прием на оделот за анестезија и реанимација.
– По спроведени повеќе дијагностички и лабораториски испитувања, заради локален наод на оперативно поле на Клиниката направена ревизија и обработка на флегмонозната рана, дадена е силна антибиотска терапија, аналгетици, антикоагуланси, антиеметици и гастропротективна терапија. И покрај преземените дијагностички и терапевтски мерки, состојбата на пациентката се влошувала, така што на ден 20 јуни во 14 часот е примена на натамошен третман и евалуација на Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар под дг.О90.0 – дисрупција на рана од царски рез. На прием пациентката е со немерлива тензија, ниска сатурација, во крајно тешка општа состојба. Веднаш е поставена на механичка вентилација и пристапено кон поставување на централен венски катетер. За кратко време настанува брадикардија, асистолоја по што е пристапено кон реанимација по сите протоколи, но пациентката не реагира на реанимацијата и настапува смрт во 15:30 часот, стои во соопштението на ДСЗИ.