Белгија ја приреди најголемата сензација во досегашниот дел од Евробаскет 2022 откако во групата која се игра во Тбилиси ја совлада фаворизираната Шпанија со убедливи 73:83.
Белгијците уште од самиот почеток покажаа дека немаат намера да се предадат, добивајќи ја првата четвртина со 11:15. Шпанците се разбудија во вториот период, постигнаа 22 поени и на одмор се замина со минимално водство на „црвената фурија“ од 33:32, по што израмнето се играше се до последните три минути од натпреварот.
Шпанците со забивањето на Хернангомез поведоа со 73:71 и во преостанатите три минути од мечот не успеаја да постигнат ниту еден единствен поен. Белгијците знаеја како да го казнат тоа, финишот го одиграа како во транс реализирајќи 13 поени во овој период, за убедлива победа од 73:83.
Лекомт со 20 и Жил со 14 поени ги предводеа стрелците кај победничката селекција, додека Вили Хернангомез со 18 постигнати поени беше единствена светла точка во шпанскиот состав.