Косовскиот претседател Хашим Тачи денеска потпиша указ со кој се задолжуваат безбедносните институции да состават листа на домашни лица, групи и организации инволвирани во терористички дејствија, кои ќе подлежат на ограничувачки мерки на територијата на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението од кабинетот на Тачи се наведува дека, до создавањето на домашната листа, косовските безбедносни институции ќе ја спроведуваат онаа на Европската унија (ЕУ), која е надополнета на 8 јануари 2019 година.
– Безбедносните институции на Република Косово се обврзуваат да ги преземат соодветните ограничувачки мерки, согласно меѓународната пракса, кон сите лица, групи и организации опфатени со листата не ЕУ. Република Косово континуирано ја докажува бескомпромисната поддршка на борбата против екстремизмот, радикализмот и тероризмот, давајќи добар пример за целиот регион. Како активен дел на глобалната алијанса против тероризмот и насилниот екстремизам, Република Косово ќе ја продолжи тесната соработка со Соединетите Американски Држави, ЕУ и другите партнери во елиминирањето на секаква опасност што му се заканува на Косово и на неговите партнери, се наведува во соопштението.