Како се подготвуваат и организираат работни средби, посети, приеми или други настани со странски и домашни партнерски институции? Кои права, обврски и имунитети ги имаат официјалните претставници? Како да се избегнат гафови во пресеансот и церемонијалот? Како треба да изгледаат различните видови кореспонденција: писма, ноти, меморандуми, покани или лични обраќања? Каков бонтон се применува во различни контексти?… На овие и на многу други прашања со кои неизбежно се соочуваат сите професионални службеници од државните институции и организации одговор дава амбасадорот Данчо Марковски во неговата книга „Дипломатски протокол, етикеција и кореспонденција” што беше промовирана денеска во Министерството за надворешни работи.
Издавач на книгата е Универзитетот Американ колеџ Скопје (УАКС), додека промоцијата беше во организација на УАКС, во соработка со Министерството за надворешни работи и Дипломатскиот Клуб – Скопје.
Оваа обемна публикација (Б5 формат, 302 страници) е единствена од ваков вид на македонски јазик. Книгата содржи историски и теоретски, како и практичен дел, со повеќе од 50 примери на дипломатска кореспонденција, глосар на дипломатски термини и други прилози. На едно место и прегледно, со практични примери, овој прирачник ги објаснува најзначајните функции и алатки на државниот протокол како неопходна димензија во професионалната работа на владините министерства и органи, како и на други државни служби, локални институции и организации.
Иван Додовски, промотор на книгата и декан на Факултетот за политички науки при УАКС нагласи дека прирачникот е неопходен токму заради избегнување на грешки што можат да го нарушат имиџот на институција и на државата, како и соработка со други странски и домашни партнери, додавајќи дека ова е прв систематизиран пресек на стандардизиран државен протокол за нашата земја.
Авторот на книгата амбасадорот Данчо Марковски нагласи дека основната идеја според која се раководел била насочена кон задоволување на потребата за создавање систематизиран материјал за дипломатскиот протокол со сите негови елементи.
– Идеја која се провлекуваше низ изминатите години од воспоставената независност на нашата држава. Имено, се обидов да ја променам досегашната пракса, протоколарните активности да ги вршиме исклучиво врз основна на странски искуства и литература и да понудам создавање на некаква домашна пракса што ќе ја прифатиме сите. Впрочем, секоја суверена држава покрај примената на меѓународните протоколарни норми внесува и свои национални карактеристики. Дипломатскиот протокол претставува огледало која мошне јасно ја рефлектира организираноста на една држава во нејзините меѓународни активности, рече Марковски.
Д-р Данчо Марковски е дипломат од кариера, кој службувал во амбасадите во Либија, Турција, Шведска, Кина, Хрватска, а во моментот е амбасадор вршител на работите во македонската амбасада во Албанија. Се занимава со теорија од областа на меѓународната политика, меѓународните односи, дипломатското и конзуларното право. Автор е на книгите „Дипломатија, организација и практика” („Consular service organization and practice”) и „Современи дипломатски методи и нивната примена во македонската дипломатија”. Гостувал како предавач на катедрите по меѓународна политика и меѓународни односи на правните факултети во Загреб и Скопје, како и на дипломатски курсеви на Хрватската дипломатска академија и македонското Министерство за надворешни работи. Избран е за доцент на Универзитетот Американ колеџ Скопје. Од 2015 до 2017 година бил претседател на Дипломатскиот клуб – Скопје. Носител е на државно одликување на Република Хрватска – „Редот на Кнез Бранимир со огрлица”. Добитник е на Награда за животно дело „Гемиџии” за 2017 година на Општина Велес.