Светските лидери се собраа во јапонскиот град Осака, на дводневниот самит на Г-20, во време на зголемување на бројот на спорови и кризи на глобално ниво, во кои се вклучени најголемите светски економии.
Според Си-ен-ен, се очекува дека лидерите зад затворени врати, ќе зборуваат за опасноста од воен судир меѓу Вашингтон и Техеран и трговската војна меѓу САД и Кина.
На маргините на состанокот, средба веќе одржаа американскиот и рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин, а се очекува големо внимание да привлече и средбата меѓу Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг најавена за сабота.
Трамп изјави дека очекува продуктивна средба со Си, со кого ќе се сретне за прв пат по седум месеци во време на тензии во трговските односи меѓу двете земји.
„Кој знае, но мислам дека ќе биде продуктивна“, рече Трамп.
Сепак, запрашан дали му ветил на кинсекиот колега шестмесечно одлагање на такси, Трамп изјави дека не го направил тоа.
„Ројтерс“ претходно анализираше дека изгледите за напредок не се добри, со оглед на фактот дека ниту една страна не попушта откако трговските преговори меѓу двете земји пропаднаа во мај.
Домаќинот на состанокот на светските лидери, јапонскиот премиер Шинзо Абе, сака фокусот на самиотот да биде поставен на реформите на Светската трговска организација, подобрување на положбата на работниците и намалување на пластичниот отпад во океаните.
Тој, исто така, сака да разговара за глобалните правила за управување со податоци кои ќе овозможат заштита на личната и интелектуалната сопственост, со слободен проток на медицински, индустриски и не лични податоци.