Албанската владејачка Социјалистичка партија на премиерот Еди Рама, останува на ставот дека локалните избори во Албанија ќе се одржат на 30 јуни, најавувајќи дека веднаш по завршувањето на изборите ќе следи промена на шефот на државата, Илир Мета.
Шефот на пратеничката група на социјалистите, Таилант Бала оцени дека новата уредба на Мета за одржување на локалните избори на 13 октомври е еднаква на нула како и неговата уредба за одложување на изборите.
„Локалните избори ќе бидат одржани на 30 јуни и последната будалаштина на Мета нема никаква врска со тоа што треба да прават Албанците. Мета игра грда карневалска игра. Датумот 30 јуни е запечатен со судска одлука. Изборниот колегиум ја поништи одлуката на Мета“, изјави Бела во интервју за „Топ ченл“.
Според неговите зборови, барањето за отповикување на претседателот Мета, оди во насока на усвојување и тоа се очекува да се случи во текот на оваа парламентарна сесија, што подразбира дека ќе се случи до почетокот на август, кога пратениците заминуваат на летен одмот.
Бела оцени дека Мета сериозно го прекршил Уставот и затоа е покрената постапка за негова смена.