ЕУ: На 30 јуни да не се попречува изборниот процес

Делегацијата на Европската унија ги повика политичките партии во Албанија да не го попречуваат гласањето в недела, на 30 јуни.

Во изјавата објавена на Фејсбук, делегацијата на ЕУ посочува дека граѓаните треба да го искористат своето право на глас на регуларен и мирен начин.

– Имајќи го предвид одржувањето на локални избори на 30 јуни 2019 година, неопходно е на граѓаните да им се овозможи да го остварат нивното граѓанско право. Директна одговорност на сите полтички партии е да обезбедат гласањето да не се попречува, стои во денешната изјава на делегацијата на ЕУ во Тирана.

Се нагласува дека „секоја насилна акција или каква било форма на поттикнување насилство е апсолутно неприфатлива во никакви околности” и дека изборите ќе бидат следени од страна на ОБСЕ / ОДИХР.

– Сите политички партии треба да покажат воздржаност и да се откажат од провокативната реторика. Текот на гласањето ќе биде следен од меѓународна мисија предводена од ОБСЕ / ОДИХР, која вклучува и набљудувачи од неколку земји-членки на Европската унија, се наведува во изјавата.

Изјавата завршува со повикување на партиите да се вратат на дијалогот што е можно поскоро за надминување на актуелната политичка ситуација.

„Сите партии треба да се вклучат во вистински дијалог што е можно поскоро за надминување на актуелната политичка ситуација, со цел да ги фокусираат своите напори на поддршка и консолидација на напредокот што го постигна Албанија досега во процес на реформи на нејзиниот пат на интеграција во Европската унија”.

Треба да знаете
Последни објави