Ќе направиме се што е во наша надлежност да им помогнеме на вработените во фабриката „Охис”. Сите материјали за овој случај се дадени кај надлежните институции и доколку се утврдат неправилности, ќе направиме се да се заштити правото на вработените, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на седницата за пратенички прашања.
Тој појасни дека стечајната постапка за „Охис” е завршена со ликвидација и оти она што останува е да се заврши исплатата кон вработените. Она од што вработените не се задоволни е што наместо да им бидат исплатени пет милиони евра колку што им било побарувањето, ќе земат процентуално колку што зеле и другите доверители во стечајната постапка. Вработените се сомневаат, како што посочи Анѓушев, дека пред да почне стечајот, се случиле криминални дејствија.
– Како Влада можеме да постапуваме преку институциите како што се Финансиската полиција, Управата за јавни приходи, Министерството за внатрешни работи. Сите материјали од овој случај се дадени во овие институции. Тие не се во мојот Кабинет и јас немам увид во нив. Меѓутоа, ќе ја следиме состојбата и доколку се најдат наоди за некакви неправилности, ќе направиме се да се заштити правото на вработените, истакна вицепремиерот за економски прашања.