Вонреден самит на ЕУ за именување на функционери на најважните позиции

Лидерите на ЕУ вечерва во Брисел ќе се состанат на вонреден самит, со цел да продолжат со процесот за именување на функционери на високи позиции во институциите на Унијата.

Oва ќе биде трет самит од крајот на европските избори на кој ќе се направи обид за консензус во врска со тоа кој ќе ја претставува ЕУ во следните пет години.

ЕУ треба да именува кандидати за функцијата претседател на Европскиот совет, Европската комисија, шеф на дипломатијата и претседател на Европската централна банка, пренесува „Танјуг“.

На претходниот самит одржан на 20 јуни, немаше мнозинство за ниту еден кандидат.

Во меѓувреме, продолжуваат консултациите на лидерите на ЕУ и претставниците на водечките групи во Европскиот парламент.

Станува збор за сложени преговори, кои треба да ги усогласат различните позиции на земјите-членки, Европскиот совет, Европскиот парламент, но исто така и да направат баланс меѓу главните политички групи во ЕУ, да го запазат начелото за родова еднаквост, при што се очекува дека барем две од водечките пет позиции во ЕУ ќе ги заземат жени, а тука е географска рамнотежа меѓу западните и источните земји, како и малите и големите земји членки на ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави