По елиминацијата на виенски Рапид од Вадуз од Лихтенштајн во плејофот за пласман во групната фаза од фудбалската Конференциска лига на УЕФА, навивачите побараа оставка од раководството на еден од најтрофејните австриски клубови.
Рапид на првиот натпревар на гостински терен одигра 1-1, а остана без пласман во групната фаза по вчерашниот пораз на домашен терен во Виена со 1-0.
По натпреварот навивачите побараа оставка од клупското раководство, скандирајќи „Доста е”, а дел од нив се обидоа да влезат и во ВИП ложата за физички да се пресметаат со челниците на клубот.
Во тоа беа спречени од обезбедувањето и полицијата.
По подолга дискусија навивачите се откажаа од намерата, а директорот на клубот Кристоф Пешек и директорот Мартин Брукнер безбедно го напуштија стадионот испратени со свирежи.