Македонската репрезентација избори победа над Данска од 73:70 во првата средба од претквалификациите за Евробаскетот во 2025 година. Драмата во Нествед ја реши нашиот најдобар кошаркар Ненад Димитријевиќ кој ги даде последните пет поени на средбата вклучувајќи ја тука лудата тројка од преку половина терен за славје на „црвено-жолтите“.
Селекторот Александар Јончевски е задоволен од остварениот триумф, залагањето на играчите, но според него мора веднаш да се заборави на победата, односно смета дека се ќе биде залудно ако за неколку дена не ја победиме Словачка во Скопје. Утре македонските кошаркари се враќаат во Скопје, каде веднаш ќе започнат со подготовка на вториот дуел од претквалификациите, против Словачка в недела од 19:00 часот.
На прес-конференцијата по натпреварот во Нествед, Јончевски говореше за натпреварот.
-Работевме три недели за ова, од првиот ден од подготовките се спремавме само за овој меч за Данска. Од оние индивидуални карактеристики па се до најситните детали за противникот.
-Така и функциониравме на овој натпревар. Гледано индивидуално, во првото полувреме му дозволивме на нивниот прв поентер Љунберг да има само два поени реализирани во самиот финиш. Знаевме дека во второто полувреме повеќе ќе напаѓаат преку него, дека ќе биде ‘гладен за кошеви’. Колку можевме, на крајот кажува статистиката.
-Морам да напоменам и то дека многу голем дел од договарањето за тимска одбрана го спроведувавме одлично и во двата дела од играта. Да удвојуваме на низок пост, удвојување, сите барани детали ги реализиравме – рече Јончевски и додаде:
-Нормално имавме и грешки, но верувам дека во деновите кои следуваат ќе ги поправиме. Со моите соработници ќе ги анализираме за што поспремни да го дочекаме неделниот натпревар со Словачка.
-Победата ја забораваме, што би се рекло, во секунда. Тоа веќе им го реков на играчите во соблекувалната, затоа што се ќе биде залудно, сиот овој труд вложен овде, ако не ја победиме Словачка во Скопје, славењето, макар и скромно, ќе биде во Нествед, и ќе биде доволно. Нè чека уште многу работа – заклучи селекторот.