На „Скопско лето” вечер од 19 часот Театарот за деца и младинци ќе ја изведе новата претстава „Том Соер” од Марк Твен во режија на Деан Дамјановски, која премиерно ја прикажа во мај.
Според режисерот Дамјановски, претставата е за „малиот голем човек” Том Соер, идол на генерации деца кој нè потсетува дека во секој од нас лежи херој и сè што треба за да го разбудиме е да веруваме во себе.
Насловниот лик го игра Бојан Кирковски. Покрај него во актерската екипа се и: Мики Анчевски, Драган Довлев, Емра Куртишова, Мартин Јорданоски, Ненад Митевски, Винета Дамческа, Симона Спировска, Наташа Петровиќ и Марија Ѓорѓијовска.
Драматизацијата е на Горјан Милошевски, сценограф е Филип Коруновски, костимограф Елена Вангеловска, а изборот на музиката на Горан Трифуновски.
Од 20.30 часот пред Спомен-куќата на Мајка Тереза на денешната програма на „Скопско лето” е и ревијата на македонски народни носии „Фолклорни допири” на Ансамблот на народни игри и песни „Орце Николов”.