Обвинителката Елизабета Јосифовска во денешниот завршен збор за случајот „Тревник“, побара обвинетите Драган Павловиќ Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан да бидат прогласени за виновни за бесправно градење, а воедно побара и викендиците, кои според неа биле нелегално градени, да им бидат одземени.
Таа се повика на доказите и сведоците кои беа изведени во текот на постапката, докажувајќи дека тројцата браќа речиси ги изградиле викендиците, а дури потоа добиле одобренија за градба.
-Прашањето за кое расправаме во овој предмет е кога обвинетите започнале со реализација на нивната желба за изградба на куќите во Зелениково. Од доказите на обвинението произлегува дека тоа се случило пред да бидат обезбедени законските претпоставки за почеток со градба, односно далеку пред да имаат добиено одобренија за градење на објектите, рече обвинителката Јосифовска.
Таа истакна дека доколку браќата граделе по добиените одобренија, тогаш успеале за само дваесетина дена да изградат се, што според неа е невозможно.
-Значи или станува збор за експресна брзина на градба, па во периодот од 24.01.2013 година кога се издадени одобренијата за градење до 14.02.2013 година, односно во период од само дваесетина дена, во зимски услови, куќите на Драган Павловиќ Латас и Звездан Павловиќ се изградени од темел до кров и веќе се поставила водоводната и канализационата инсталација, или објектите биле изградени многу порано пред добивање на одобренијата за градење. Сите досега изведени докази, упатуваат на вториот заклучок, истакна обвинителката.
Таа се повика и на неколку „бомби“ кои беа презентирани во текот на судењето, читајќи дел од нивната содржина:
-Покрај за потребната документација која треба да ја обезбедат и да ја достават до општина Зелениково, обвинетите Драган и Звездан Павловиќ зборуваат и околу тоа дека немаат одобрение за градење на објектите. Имено, обвинетиот Драган Павловиќ вели „Зеко ние ако до октомври не го завршиме ова после тоа имаме проблем бидејќи немаме дозвола за градба“ за потоа да додаде „…ние прво немаме средено. Ако ние до октомври не го средиме почињаат изборни кампањи и никој не не е… Никој заради нас нема да се пенали таму да го пљукаат и ние немаме дозвола за градба, може сабајле да дојде да те руши. Ти си свесен колку е озбилна ситуацијата“.
Во друг разговор обвинетиот Драган Павловиќ Латас му кажува на обвинетиот Срѓан Павловиќ „….мене ми е битно да го дадеме барањето за градба пред избори може тоа да го е….. градоначалникот заради тоа, затоа мора порано да завршиме со папирите…“
На крајот обвинителката побара обвинетите да бидат прогласени за виновни и да им бидат одземени викендиците.
-Врз основа на се што кажав досега, сметам дека обвинителството, со доказите изведени во текот на главната расправа, докажа надвор од секакво разумно сомневање дека обвинетите Драган, Срѓан и Звездан Павловиќ сториле по едно кривично дело Бесправно градење од чл.244-а ст.1 од КЗ и барам од Вас, почитувани судија и членови на Советот, да донесете пресуда со која ќе ги огласите обвинетите за виновни и ќе ги осудите на казни согласно законот, а при тоа да ги имате во предвид сите околности кои влијаат врз висината на казната, а барам и примена на одредбата од чл.244-а ст.6 од Кривичниот законик за одземање на бесправно изградените недвижности.
Тоа што одбраната го потенцираше, дека постојат голем број бесправно изградени објекти во нашата држава, во врска со кои не се поведени кривични постапки, во никој случај не може да биде основ за неказнување на тука обвинетите, ниту пак за оправдување на нивното постапување, заклучи обвинителката.