Агенцијата за храна размислува да стави рака на увозот и производството на енергетски пијалоци. Ваквата одлука доаѓа од податокот дека само за пет месеци во државава влегле 103 пратки со овие пијалоци или вкупно 2,2 милиони лименки. Во Агенцијата велат дека на ваква одлука се решиле бидејќи на пазарот релативно нов тип пијалаци, се комбинираат со алкохол, пракса се поприсутна кај младата популација, кој е и најголем консумент на енергетски пијалаци.
Без последици по здравјето, возрасните лица може да консумираат најмногу два енергетски пијалаци дневно- беше истакнато на петтиот состанок на Националниот совет за безбедност на храна. Според нивни податоци се увезуваат големи количини од оваа категорија, но голем дел од нив се и од домашно производство. Само во првите 5 месеци од годинава, увезени се 103 пратки со енергетски пијалаци со повеќе од 2,2 милиони конзерви.
-Голема е палетата на енергетски пијалоци кои се нудат на пазарот и се целосно достапни да се купат за сите категории на граѓани дури и за младите кои често свесно или несвесно ги злоупотребуваат мешајќи ги со алкохол. За да се спречат негативните последици кои можа да бидат предизвикани од нивната прекумерна употреба, но пред се да се ограничи можноста на пазарот да се пласира веќе подготвена комбинација од енергетски пијалок и алкохол за која досегаѓните научни истражувања во светски рамки потврдуваат дека може да биде исклучително штетно и опасно по животот и здравјето на луѓето, неопходно е законски да се ограничи нивното производство и продажба. Од исклучителна важност е превенцијата и затоа нужно е да се работи на креирање на кампањи за подигнување на јавната свест од опасноста која може да ја предизвика прекумерната употреба на енергетски пијалаци и нивно мешање со алкохол – вели Зоран Атанасов, директор на Агенцијата за храна.
Лидија Дамевска раководител на Сектор за проценка и комуникација на ризик при Агенцијата на состанокот појасни дека за енергетските пијалаци како релативно нова категорија пијалаци на пазарот и нивната здравствена безбедност постојат скромни научни истражувања и затоа проценката на опасноста е заснована на поединечните состојки, како што кафеинот, тауринот, глукуронолактон, инозитол и витамините кои можат да бидат додадени во ваквите пијалаци. Високата содржина на кофеин, витамин Б6, неовластената употреба на бои, неовластени нови состојки, премногу висока содржина на бензоева киселина и натриум бензоат, додаде таа, според анализите на податоците од Системот на брзо известување за небезбедна храна на ЕУ, се најчестите причини заради кои бил забранет влез на енергетски пијалаци во Европската унија.
Институтот за јавно здравје, како што појасни Гордана Ристевска, работи на анализи на сооставот на енергетските пијалаци кои се увезуваат и се произведуваат во земјава, и како за тема која и во европски и светски рамки станува се поактуелна од пред неколку години, како институција алармираат во јавноста за штетноста по здравјето од нивна неконтролирана и прекумерна консумација, како и за опасноста од мешањето на енергетските пијалаци со алкохол. Таа се согласи со предлогот за потребата од креирање на јавна кампања за подигнување на јавната свест за опасноста од прекумерната консумација на енергетските пијалаци и нивната злоупотреба, односно за опасноста по животот и здравјето која може да го предизвика нивното комбинирање со алкохол.
На состанокот на Националниот совет беше разгледана реализацијата на дефинираните обврски на четвртиот состанок и беше донесен заклучок за потреба од формирање на работна група која ќе врши селекција на аликациите за селекција на пријавите на експертите за формирање на научните панели за што ќе биде распишан јавен повик.
Валентина Ангеловска