Ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески кој од минатата недела повторно се најде зад решетки во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, од саботата започнал штрајк со глад.
За ова е известен и Кривичниот суд во Скопје. Адвокатот на Јанакиески, Еленко Миланов за А1он вели дека причина за штрајкот на поранешниот министер е одлуката на судот кој му изрече мерка притвор за најновото обвинение на ОЈО за продажба на државно земјиште.
-Јанакиески моментално има 2 активни решенија, едното е за куќен другото за притвор во Шуто Оризари. Револтот е поради несоодветното постапување на судот односно тоа што има 2 притвори со идентични причини. До сега куќниот притвор се покажа како ефективен односно дека Јанакиески не може да се даде во бегство ниту пак да влијае врз сведоци, вели Миланов.
На ексминистерот за транспорт и врски покрај обвиненијата од СЈО, му се става на товар и едно обвинение од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за продажба на државни парцели, како и една истражна постапка во која е осомничен како организатор на насилниот упад во Собранието на РСМ на 27 април 2017 година. До канцеларијата на Народниот правобранител е испратена претставка.