Неколку илјади Каталонци протестираа изутрина пред Европскиот парламент во Стразбур, бидејќи тројца каталонски европратеници не можеа да присуствуваат на инаугуративната седница на Парламентот, пренесува „Франс прес“.
Според полицијата, имало најмалку 4.000 луѓе.
Тие мавтале со знамето на Каталонија и пред зградата подигнале сцена. Собирот го обезбедуваа бројни полициски сили, а јавниот превоз беше запрен.
Мадрид не им дозволи на тројцата европратеници од Каталонија, поборници за нејзината независност, да ја преземат функцијата во ЕП, бидејќи тие не положија заклетва во главниот шпански град.
Тоа се Карлес Пуџдемон, поранешен претседател на владата на Каталонија кој живее во егзил во Белгија за да го избегне апсењето во Шпанија, поради обид за отцепување во 2017 година, неговиот колега Тони Комин, кој е во иста ситуација и Ориол Џункерас, кој е во притвор во Шпанија.