Битолскиот ракометен суперлигаш Еурофарм Пелистер ќе игра во финалето на јубилејното 50. издание на Струшкиот турнир, откако во последниот натпревар од групната фаза го совлада грчкиот АЕК Атина 27:26 (12:16). Противник на Еурофарм Пелистер во утрешното финале, кое ќе се одигра со почеток од 21:15 часот ќе му биде словенечкиот шампион Целје, кој исто така групната фаза ја заврши без пораз.
Грците имаа далеку подобри воведни 30 минути, па на полувремето заминаа со предност од четири гола (12:16). Битолчани одиграа фуриозно второ полувреме. Во последните пет минути се влезе израмнето, а Марио Танковски постигне два гола со кои Еурофарм Пелистер ја осигура победата.
Претходно, во денешната програма на „Струга 2022“, Алкалоид и Бутел ремизираа (26:26). Алкалоид до ремито дојде со пенал во последните секунди од мечот, откако Бутел на полувремето имаше предност од 13:14.
Екипата на Татран Прешов го прегази тимот на Струга, победувајќи со 36:21 во последниот меч од групата А.