Претседателот на Собранието Талат Џафери на денешната средба со заменик-генерален секретар на НАТО за нови безбедносни предизвици Антонио Мисироли нагласи дека во сите негови досегашни државни функции бил активно вклучен во прилагодувањето на државната структура кон стандардите на НАТО, особено во кризниот менаџмент и координацијата меѓу институциите во справувањето со безбедносните предизвици.
– Северна Македонија треба да ја покаже својата подготвеност, прифаќајки ги обврските од членството во НАТО, кои подразбираат буџетски, воени, одбранбени, формациски, организациони и структурни реформи. Сајбер-одбраната носи и соодветни промени на законската регулатива во овој домен, како и реално зајакнување и прилагодување и на самата електронска, дигитална и технолошка инфраструктура на самите безбедносни системи, во одбраната, војската, државните институции, секторот разузнавање и национална безбедност, рече Џафери.
Претседателот на Собранието изрази очекување дека во оваа сложена процедура ќе имаме стручна и техничка помош и поддршка од специјализираните НАТО структури, но и од НАТО земјите членки, како во заштитата на безбедносните системи така и во аспектот координација.
– Последната милја од маратонот е веќе започната и се гледа финалниот резултат – полноправното членство во Алијансата до крајот на оваа година, нагласи Мисироли.
Изрази и очекување дека во октомври ќе биде доделен датум за отпочнување преговори со Европската Унија, со што земјата ќе ги заокружи повеќедецениските интеграциски процеси во НАТО и ЕУ.
Изрази задоволство што државните институции покажуваат голема подготвеност соодветно да одговорат на новите безбедносни предизвици и хибридните закани, како во воената и одбранбената сфера, така и во цивилниот сектор и кризниот менаџмент.
Тој понуди конкретна стручна помош и поддршка од НАТО специјализираните тимови, во рамките на Програмата на НАТО за мир и безбедност.
– Соговорниците разговараа и за значењето и улогата на парламентарната дипломатија, активната меѓународна соработка и вклученост и визибилност на Собранието на меѓународните парламентарни и интерпарламентарни настани и форуми, како и успешното менаџирање на внатрешниот баланс меѓу политичките сили во земјата, а се во насока на градење на функционален Парламент и силна и просперитетна Република Северна Македонија, како респектирана држава идна членка на НАТО и Европската Унија, соопштија од Собранието.