Израел се подготвува за можно воено учество во каков било судир во Персискиот Залив меѓу Иран и САД, изјави денеска израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац, кој претходно порача дека Иран нема никакви шанси во економска војна со Вашингтон.
Кац на годишната конференција за безбедност што се одржува во израелскиот град Херзлија, рече дека Иран би можел ненамерно да влезе во нешто што го нарече „сива зона” на оваа конфронтација.
– Би требало да се земе предвид дека погрешните проценки на иранскиот режим… се подложни на поместување од ‘сива зона’ до ‘црвена зона’, односно до воен конфликт, рече Кац во говор на конференцијата.
– Мораме да бидеме подготвени за ова, затоа Израел продолжува да ги гради своите воени капацитети во случај да мора да одговори на сценарио кое подразбира ескалација, истакна тој.
Претходно Кац прогнозираше дека она што тој го опиша како „економска војна” против Иран која ја предводат САД, ќе успее и покрај стравовите на другите светски сили.
– Иран нема шанси во оваа војна. Затоа постои можност, преку цврст економски притисок и сеопфатни санкции да се спречи војна и да се постигнат цели без војна, рече Кац за израелското воено радио.