Англискиот фудбалски чемпионшиплигаш Барнли го промовираше македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов како свое најголемо засилување за новата сезона. Чурлинов се раздели со бунделигашот Штутгарт и денеска потпиша четиригодишен договор со Барнли, вреден 5 милиони евра.
-Возбуден сум што пристигнав тука, едвај чекам да почнам да играм. Нема времe за губење, со нетрпение го чекам првиот натпревар. Навистина сум пресреќен што сум во Англија и што ќе го почувствувам островскиот фудбал, убедливо најатрактивниот во светот – рече Чурлинов на промоцијата во новиот клуб.
Задоволството од ангажманот на македонскиот репрезентативец не го криеше и тренерот на Барнли, легендата на белгискиот фудбал Винсен Компани, на чие инсистирање Чурлинов пристигна во Англија.
-Барнли е задоволен што може да потврди дека го ангажираше Дарко Чурлинов од Штутгарт. Дарко е офанзивно ориентиран играч и неверојатен работник. Имаме добар однос со Штутгарт па успеавме да го донесеме ова младо перспективно момче. Среќни сме што тој ќе биде дел од иднината на клубот и со нетрпение чекаме да го вклопиме во тимот – истакна Компани.