Претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган денеска се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг и истакна дека постои голем потенцијал за унапредување на соработката со Кина, јави агенцијата Анадолија.
– Се согласивме да се зајакнат односите помеѓу Турција и Кина во сите области, долгорочно и со стратешки перспективи. Верувам дека има голем потенцијал за зајакнување на соработката меѓу Турција и Кина изградена врз древните цивилизации и поврзана со Патот на свилата. Политиката на „Единствена Кина” е од стратешко значење за Турција, рече Ердоган.
Ердоган му се заблагодари на кинескиот народ за гостопримството покажано кон него и неговата делегација и истакна дека во последниве неколку години често има средби со претседателот Си.
Тој додаде дека неговата посета на Кина овој пат се случува во период кога се тестираат глобалниот мир и стабилност, и оти јакнењето на односите меѓу Турција и Кина ќе обезбеди разновиден придонес во регионалната и глобалната стабилност.
На состанокот, меѓу другите, присуствуваа и министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, министерот за енергетика и природни ресурси Фатих Донмез, министерот за трезор и финансии Берат Албајрак, министерот за национална одбрана Хулуси Акар, министерот за индустрија и технологија Мустафа Варанк, министерката за трговија Рухсар Пекџан и министерот за транспорт и инфраструктура Мехмет Џахит Турхан.
Кинескиот претседател Си Џинпинг за време на тет-а-тет и меѓуделегациската средба со претседателот Ердоган, потсети дека лидерите на двете земји учествувале на Самитот на лидерите на Г-20 кој се одржа во Јапонија, изразувајќи надеж преку оваа посета да ги зајакнат односите на двете држави.
Си Џинпинг рече дека им придаваат голема важност на средбите реализирани во Пекинг.
– Турција и Кина се земји кои се во развој, чии пазари се зголемуваат. Треба да ја зајакнуваме заемната стратешка доверба, стратешката соработка и координација, треба да го заштитиме меѓународниот систем во кој се вклучени Обединетите нации и системот на меѓународното право, и заемно треба да бидеме во одбрана на меѓународната правда и мултилатерализмот, истакна Си.
Тој исто така рече дека се подготвени во наредниот процес со турската страна да ги планираат стратешките односи меѓу Кина и Турција, укажувајќи на важноста на заштитување на билатералните односи и на интересите на земјите кои се во развој, информира Анадолија.