Јапонските власти наредија евакуација на речиси 800.000 луѓе од јужниот остров Кјуш на безбедни места поради закани од лизгање на земјиштето по обилните врнежи.
Во некои делови на островот, од петокот паднаа и до 1.000 мм дожд, додека метеоролозите прогнозираат нови врнежи денес, објави НХК.
Јапонскиот премиер Шинзо Абе рече дека локалните жители треба да преземат „одредени чекори за да ги заштитат животите, вклучувајќи ја и превентивната евакуација”.
Тој, исто така, нареди и армијата да се подготви за евентуални спасувачки операции.
Абе минатата година беше критикуван поради бавниот одговор на владата на поплавите во кои загинаа повеќе од 200 луѓе.