Пренатрупаност и нечовечки услови во американските центри за мигранти

Според најновите наоди на американските државни инспекции, центрите за мигранти по должина на американско-мексиканската граница се екстремно пренатрупани, а во нив деца помали од 7 години се затворени подолго од две недели, односно многу подолго од дозволените 72 часа, пренесува Си-ен-ен.

Американската влада од почетокот на јуни спроведува ненајавени инспекции во Тексас, по должина на американско-мексиканската граница, каде што има најмногу апсења на мигранти.

Во извештајот со назив Management Alert – DHS Needs to Address Dangerous Overcrowding and Prolonged Detention of Children and Adults in the Rio Grande Valley се прикажани фотографии кои покажуваат екстремна пренатрупаност во прифатилиштата.

Исто така, се тврди дека во текот на изминатите неколку месеци луѓето се држат во притвор се подолго, поради зголемување на приливот на семејства мигранти со деца.

Инспекторите утврдиле дека, според податоци од граничната контрола, околу 30% од малолетниците се во притвор повеќе од 72 часа, вклучувајќи и децата помлади од 7 години.

Инспекцијата забележала дека во центрите нема доволно топли оброци, дека мигрантите немаат соодветен пристап до тушеви и оти не им е обезбедена потребната облека.

Во еден објект, возрасни лица повеќе од една недела биле чувани во простории каде што само може да се стои, а во друг повеќе од еден месец во пренатрупани соби.

Треба да знаете
Последни објави