Веста дека оваа година поради финансиски проблеми и блокада на сметката на Националната пливачка федерација (НПФ) нема да се одржи 60. изданиое на една од најстарите спортски манифестации во државата, Охридскиот пливачки маратон ја разбранува јавноста и не само спортската.
Првиот човек на НПФ, Горан Стојановски, кој од февруари оваа година е на чело на македонското пливање, вели дека чувствува огромна жал за неможноста да се организира пливачкиот маратон, но топката за ваквата ситуација ја префрла кај претходното раководство на чело со Александар Маленко, кое оставило еден куп неплатени фактури како и парични награди предвидени од наградниот фонд за учесниците на Охридскиот маратон.
-Сметката на НПФ е блокирана околу десет години, тоа не е ништо ново. Станува збор за сума од околу 100.000 евра, проблем кој мора да се реши. Не е сѐ изгубено, најмалку што сакам е да ми остане оваа дамка, дека во мојот мандат се прекинала децениска традиција. Верувам дека државата ќе ни излезе во пресрет, бидејќи ова е настан од интернационален интерес. Од ланскиот маратон, кога претседател на НПФ беше Маленко, имаме неплатена фактура од хотелот каде што беа пливачите и раководството и тоа околу два милиони денари! Имаме неплатен долг за ковид-тестови, кон печатница и кон ФИНА од 5.000 долари за неисплатени награди на пливачи! Се надевам дека државата ќе го спаси пливањето! Со маратонецот Томи Стефановски се трудиме да дадеме максимум, но мора да се игра со отворени карти кон јавноста. Овие проблеми не може вечно да се туркаат под тепих, треба да се знае со што се соочуваме. Не е се изгубено, од институциите зависи како ќе заврши оваа приказна, која ја разочара македонската јавност и љубителите на пливањето“, изјави Стојановски за „Фокус“.
Последна информација е дека во организација на општината Охрид ќе се направи обид да се продолжи традицијата со одржување на маратонот, но во кој формат и со кои натпреаврувачи како и во кој термина дополнително ќе информираат. Проблем е што маратонот не е во календарот на ФИНА, која од оваа година ги отфрли трките на 25-километарските маратони. Акцентот е ставен на 10 километарскиот олимписки трки во пливање. Светските пливачки маратонци во следните две недели ќе се натпреавруваат во далечната Канада.