Индиската полиција почна со пренесување на телата на загинатите планинари

Индиските власти во средата почнаа со пренесување на телата на седуммина планинари кои во мај загинаа во лавина во близина на втората највисока планина во Индија, до пониска точка на планината, каде што ќе бидат идентификувани, изјавија официјални лица.

Осум алпинисти – четворица од Велика Британија, двајца од САД и по еден од Австралија и Индија беа пријавени за исчезнати на 31 мај, откако не успеаја да се вратат во својот камп во близина на планината од 7.816 метри, Нанда Деви.

Телото на еден од нив не е пронајдено.

Паравоените индо-тибетски гранични полициски сили ја предводат мисијата за пренесување на телата од планината во градот Питорагар, на север од државата Утараканд.

Првите четири тела беа пренесени во средата, изјави Вивек Кумар Панди, портпарол на силите.

„Oстанатите три, исто така, ќе бидат префрлени во Питорагар наскоро“, рече Панди.

Полицијата, амбулантните возила и погребалните комбиња ги чекаа телата на аеродромот во Питорагар, рече шефот на полицијата, Рам Чандра Раџгуру.

Телата ќе бидат идентификувани по што ќе бидат пренесени во друг град за аутопсија, додаде тој.

Алпинистите се идентификувани како Мартин Моран, Џон Мекларен, Руперт Вивел и Ричард Пејн, сите од Велика Британија, Ентони Судекум и Роналд Бејмел од САД, Рут Мекенс од Австралија и Четан Панди од индиската планинарска фондација.

Треба да знаете
Последни објави