Собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија утре ќе расправа за актуелната ситуација во делот на патниот и железничкиот сообраќај.
Претседателката на Комисијата, Лилјана Затуроска за МИА рече барањето било упатено од пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и оти на седницата која ќе биде закажана за 12 часот ќе се дискутира за состојбата во патниот и железничкиот сообраќај. Воздушниот сообраќај нема да биде ставен на дневен ред на утрешното заседание на комисијата.
Според Затуроска, на седницата на Комисијата ќе бидат повикани претставници од Министерството за транспорт и врски, директорите на ЈП Државни патишта и Македонски железници, како и од Секторот за безбедност на патиштата.
Пратениците од опозицијата бараат информации од надлежните по вчерашното излизгување на дел од вагоните на товарен воз во близина на селото Черкезе, кумановско.