Ливерпул ќе почека на првата победа во новата сезона од Премиерлигата барем до гостувањето на „Олд Трафорд“, откако иако доминираа во поседот и во обидите кон противничкиот гол, одиграа само 1:1 со Кристал палас, меч одбележан со бизарниот црвен картон на скапото засилување на Јирген Клоп, Дарвин Нуњез.
По првичните 2:2 на гости кај Фулам, на „Енфилд“ се очекуваше многу од првиот домашен меч, но тимот на Патрик Виера се покажа како опасен противник, кој ја користи секоја шанса. По големото промашување на стартот на мечот на Нуњез, гостите стигнаа до водство во 32. минута, кога Вилфрид Заха постигна прекрасен гол користејќи шанса по еден контранапад.
Ливерпул има над 70 отсто од поседот на топката, но веќе во 57. минута останаа со играч помалку откако Уругваецот Нуњез, кој денеска беше бранет од Јирген Клоп кој сметаше дека критиките кон него се прерани, успеа да падне на провокација на Јоаким Андерсен и да добие директен црвен картон за удар со глава.
И покрај тоа што беа со играч помалку, Ливерпул продолжија со доминацијата и во 61. минута тоа резултираше со одличен гол на Луис Дијаз за израмнување. Сепак, до крајот на мечот не успеаја да стигнат до трите поени и влегуваат во дербито со Јунајтед со само два освоени поени.