Општина Штип работи на доизградба на првата фаза на обиколницата од улицата кај поранешниот диспанзер до фабриката за чевли „Баргала”. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, кој попладнево изврши увид во градежните работи истакна дека градежната компанија, која ја работи првата фаза веќе го поставува вторио слој на асфалт.
– Овде на оваа прва фаза вчера и денеска веќе работиме на асфалтирање на 4.650 метри квадратни асфалтна површина, односно вториот слој што не беше поставен и сега го поставуваме. Втората фаза со кружниот тек имаше површина од 5.960 метри квадратни и оваа 4.650, доаѓаме до бројка од 10.600 метри квадратни, вели Бочварски.
Тој истакна дека првата фаза чини 46.000.000 денари заедно со мостот на реката Брегалница, поставување на асфалт и еден тротоар, додека втората фаза чинеше вкупно 11.000.000 денари.
Oваа обиколница која ќе го реши сообраќајниот хаос на влезот и излезот на градот, на булварот „Гоце Делчев” чини околу 57 милиони денари. Бочварски истакна дека новиот мост на реката Брегалница се очекува да биде поставен најмалку за десет дена.