Лидерот на најголемата грчка опозициска партија, а според истражувањата на јавното мислење, веројатно и новиот премиер на Грција, Кирјакос Мицотакис,синоќа, во Атина одржа централен предизборен митинг во пресрет на предвремените парламентарни избори в недела.
Дописничката на МИА од Атина, го следеше митингот на Мицотакис, поразговара со поддржувачите на Нова демократија, за нивните очекувања од лидерот на партијата, доколку од понеделник ја преземе функцијата премиер, но и за тоа каква позиција очекуваат да заземе во однос на Договорот од Преспа.
Веруваат дека во недела, граѓаните масовно ќе гласаат за Нова демократија и Мицотакис ќе освои доволен број гласови за да може да формира еднопартиска влада.
Економијата и справување со невработеноста се главните области на кои поддржувачите на Нова демократија очекуваат Мицотакис да го стави акцентот уште на почетокот на мандатот како премиер, доколку формира влада, а за Договорот од Преспа, свесни се дека нема простор за промени.
-Вака како што стојат работите не знам дали ќе може да стори нешто за Договорот од Преспа, вели повозрасен Грк – поддржувач на Нова демократија.
-За жал, предавникот, оној што беше против нацијата, Алексис Ципрас, потпиша нешто во отсуство на грчкиот народ. Да говориме сериозно, договорот не може да се поништи, можеби може да се сменат чекор по чекор некои од членовите. Јас сум од Македонија и многу ми пречи договорот, коментира средовечен член на Нова демократија.
-Договорот е штетен за нас, не ни нуди ништо, но веќе е потпишан, веќе постои. Го гласаа пратениците, да не речам предавниците. Сега Мицотакис нема простор да стори нешто, вели млада Гркинка во разговор со дописничката на МИА од Атина.
Во однос на економијата и внатрешните прашања и проблеми, поддржувачите на Нова демократија се повеќе оптимисти отколку за Договорот од Преспа.
-Инвестиции и развој на економијата, намалување на невработеност, потоа промени во образованието но и националните прашања и безбедноста на земјата, односно односите со Турција, бидејќи секогаш кога има промена на власта Турците создаваат проблеми, вели поддржувач на Нова демократија во однос на тоа кои би требало да бидат приоритетите на Мицотакис доколку стане премиер.
-Прво да ги намали даноците за бизнисите, сопствениците и граѓаните. Ова е најважно. Потоа, да го укине универзитетскиот имунитет и да му обезбеди повеќе безбедност на народот, вели за МИА еден од присутните на синоќешниот предизборен митинг на Нова демократија.
Мицотакис пречекан со слоганите „Еве го премиерот”
Кирјакос Мицотакис говореше во населба Тисио во поширокиот дел на центарот на Атина, со Акропол во позадина.
На митингот пристигна кусо пред 21 часот, а беше пречекан и поздравен со овации и аплаузи. Со развиорени грчки знамиња кои на присутните им се делеа пред почетокот на собирот, и со слоганите „Еве го, еве го Премиерот”, поддржувачите на Нова демократија го пречекаа нивниот лидер, јави дописничката на МИА од Атина.
– Ви благодарам за овој импресивен пречек. За овој импресивен собир. Овде, во сенката на Акропол. Ви благодарам за вашиот ентузијазам. Високо кренати знамињата на нашата татковина. Одиме заедно за голема победа. Ви благодарам од срце. Вашето присуство денес, на најтоплиот ден од летото е предвесник на победата, на големата победа во недела вечер. Вашата страст уште повеќе го загрева оптимизмот дека Грција задутре повторно гордо ќе ја крене главата, рече Мицотакис на почетокот од неговото обраќање.
Лидерот на Нова демократија говореше за економијата, но и за четиригодишната владина програма која опфаќа повеќе области.
-Од тука, од срцето на главниот град, испраќаме гласна порака до целата земја: во неделата гласаме, во понеделник вртиме страница, им порача Мицотакис на присутните.
Поддршка за Мицотакис од поранешните грчки премиери Караманлис и Самарас
На централниот митинг во Атина, присутни беа поранешните премиери и поранешните министри од Нова демократија, како и актуелните пратеници и кандидатите за пратеници од партијата, но и ЕУ комесарот за миграциска политика, јави дописничката на МИА од Атина.
Кусо пред пристигнувањето на Мицотакис, на предизборниот митинг топло и со овации беа пречекани и поранешните премиери Костас Караманлис и Андонис Самарас, како и поранешниот министер и комесар на ЕУ за миграциска политика, Димитрис Аврамопулос.
Меѓу присутните беа и поранешниот министер и поранешниот претседател на Нова демократија, а сега веќе европратеник, Евангелос Меимаракис, како и пратениците Адонис Георгиадис, Василис Кикиљас, Адонис Георгиадис и надлежниот за надворешна политика во партијата, Јоргос Кумуцакос.
Со исклучок на вчерашниот собир што беше и единствен, Кирјакос Мицотакис, кампањата во пресрет на предвремените парламентарни избори на 7 јули ја водеше на поинаков начин, без митинзи и долги говори, туку со средби и директни разговори со граѓани, со посети на населби, кафулиња, продавници и сл, за време на турнеите низ цела Грција.
На последниот ден од кампањата, лидерот на Нова демократија денеска ќе биде во градови од северна Грција со крајна дестинација Солун, каде што вечерва ќе одржи средби со граѓани на штандот на партијата што се наоѓа во центарот на Солун.
Според сите истражувања на јавното мислење спроведени од агенциите за рејтинг и објавени во грчките медиуми во пресрет на предвремените парламентарни избори в недела, Нова демократија е во водство пред СИРИЗА со доволен број гласови и пратеници за да формира еднопартиска влада.