Судот во грчкиот град Волос по третпат го отфрли барањето на еден од лидерите на терористичката организација „17 Ноември”, Димитрис Куфодинас за добивање дозвола за неколкудневен излез од затвор, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчките медиуми, одлуката на судот да не одобри седма по ред дозвола за Куфодинас, кој е осуден на 11 доживотни затворски казни, е врз основа на ставот дека тој не се кае за стореното и не постои морално подобрување.
Кривичниот оддел на Врховниот суд на Грција кон крајот на мај одлучи судот од градот каде што Куфодинас ја издржува затворската казна одново да го разгледа неговото барање со објаснување дека и оние кои што се осудени на повеќе од една доживотна затворска казна имаат право да добиваат редовни дозволи за излез од затвор.
Куфодинас во мај годинава, 21 ден штрајкуваше со глад бидејќи не му беше одобрена седма неколкудневна дозвола за излез од затвор.