На состанокот на Трилатералната работната група меѓу Србија, Унгарија и Кина за проектот за реконструкција и модернизација на пругата Белград – Будимпешта, денеска во Белград беше покрената иницијатива и Македонија и Грција да се вклучат во железничкиот проект за брзата пруга, за која замислата е да се продолжи до пристаништето Пиреја во Атина, пренесува агенцијата „Танјуг“.
Проектот е дел од глобалната кинеска иницијатива „Појас и пат“ и партнерски и пријателски го резализираат Унгарија, Кина и Србија, изјави во Белград потпретседателката на српската влада и министерка за градежништво, Зорана Михајловиќ, по средбата со унгарскиот министер за иновации и технолошки развој, Ласло Палковиќ и со кинеска делегација.
„Заклучивме дека не е доволно да изградиме само брза железничка пруга од Белград до Будимпешта и се согласивме овој железнички коридор да го продолжиме и да ги поканиме Северна Македонија и Грција да се приклучат во проектот“, рече Михајловиќ.
Министерката на заедничката прес-конференција изјави дека брзата пруга во Србија се гради според предвидената динамика, а првата делница Белград – Стара Пазова би требало да биде завршена наесен следната година, а ќе биде во функција до крајот на 2020 година.