Камерунскиот фудбалер Винсент Абубакар, со кого саудискиот клуб Ал Наср го раскина договорот за да ослободи место во тимот за португалската ѕвезда Кристијано Роналдо, се врати во Бешикташ, една и пол година откако го напушти турскиот прволигаш од Истанбул.
„Винсент Абубакар повторно официјално е Црн орел”, напиша синоќа Бешикташ на својот Твитер профил.
Бешикташ соопшти дека со Абубакар е потпишан двегодишен договор.
Максималниот дозволен број странски фудбалери во саудиските прволигаш е осум играчи, а Ал Наср одлучи да ја прекине соработката со Абубакар за да може да го регистрира Роналдо.
Португалскиот фудбалер на крајот од декември потпиша договор со Ал Наср до 2025 година .